Со денешниот дуел меѓу Италија и Швајцарија (18 часот) и официјално ќе биде означен почетокот на нокаут фазата од овој европски шампионат. Италијанците како актуелни европски прваци имаат улога на благи фаворити, но Швајцарија веќе има докажано дека може да се носи со најдобрите на големите натпреварувања, па нема сомнеж дека избраниците на Мурат Јакин без страв ќе влезат во пресметката со „аѕурите“.
Домаќинот Германија ќе се сретне со Данска во второто денешно осминафинале, во обид да се врати на победнички патеки по слабата партија и среќното реми со Швајцарија во последното коло од групата А.
ШВАЈЦАРИЈА – ИТАЛИЈА 18 часот
Италија ќе биде со ослабена одбрана на овој дуел, Калафиори нема да може да настапи поради суспензија, а Димарко е „во аут“ поради повреда.
Ова ќе биде петти дуел на Италија и Швајцарија на големите натпреваарувања, Швајцарците славеа на двата меча на СП 1954 (со 2-1 во групната фаза и со 4-1 во плејофот), но Италија триумфираше со идентични 3-0 на последните две пресметки со овој ривал, во групните фази од СП 1962 и ЕВРО 2020.
Швајцарија е без победа на последните 11 меча против Италија (шест реми, пет порази), Швајцарците последните триумф го забележале во мај 1993, со минимални 1-0 во квалификациите за СП 1994.
Дури 15 од последните 26 средби на Италија во нокаут фазата од големите натпреварувања биле решавани со продолженија или со пенали.
ГЕРМАНИЈА – ДАНСКА 21 часот
Германија и Данска имаат по две победи на досегашните четири дуели на големите натпреварувања. Единствен дуел во нокаут фазите од ЕП или СП беше оној во финалето на ЕВРО 1992, во кој Данска ја совлада Германија со 2-0.
Три од последните четири дуели меѓу овие ривали завршиле нерешено (во четвртата Германија славеше со 2-1 во групната фаза од ЕВРО 2012).
Данска претрпе порази на сите пет досегашни средби на кои оваа селекција се среќавала со земја-домаќин на едно европско првенство. Данците лани во полуфиналето беа елиминирани од Англија на „Вембли“, а во 1988 претрпеа пораз од Германија на шампионатот што се одржа во оваа земја.
Германија претрпе порази на последните две нокаут-средби на ЕП, во полуфиналето на ЕВРО 2016 од Франција и во осминафиналето од ЕВРО 2020 од селекцијата на Англија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА