Драган Стојковиќ Пикси нема намера да поднесе оставка од селекторската функција на српската репрезентација по разочарувањето на Европското фудбалско првенство.
Пикси смета дека дал максимум и дека според него репрезентацијата не се обесхрабрила и покрај тоа што го зазеде последното место во групата со два бода и еден постигнат гол.
Поради сето ова, во наредниот период се очекува Стојковиќ да има разговори прво со првиот човек на ФСС Драган Џајиќ, а потоа и со претседателот на државата Александар Вучиќ. Во договорот потпишан од ФСС со Стојковиќ стои дека во случај на отказ на Пикси ќе му се должи сума од еден милион евра, а тоа е еден од главните проблеми околу оставката на актуелниот тренер.
Доколку во секој случај ФСС решат да ја прекинат соработката со Стојковиќ, ќе имаат тешка работа во поглед на наоѓање нов тренер. Од тамошните тренери на таа функција претендираат Славиша Јокановиќ и Александар Јанковиќ, додека веќе на големо се зборува дека во случај на отказ на Стојковиќ на негово место би можел да дојде тренер од странство.
Србија во септември ќе има обврски во Лигата на нации каде ќе се натпреварува во најсилната А дивизија, а ривали во групата ќе бидат Шпанија, Данска и Швајцарија, сите учесници во нокаут фазата на ЕП.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА