Херојот на Шпанија даде гол на истото место каде што погоди и неговиот татко пред 33 години

Фудбалерите на Шпанија  во петокот станаа првите полуфиналисти на Европското првенство, откако по продолженијата ја совладаа репрезентацијата на Германија со 2:1 и со тоа го оправдаа епитетот на селекција која покажа најмногу од почетокот на турнирот.

Дани Олмо му донесе предност на тимот во 51. минута, во 89. Флоријан Вирц го одведе мечот во продолжение, а вистинската драма ја заокружи Микел Мерино со гол во 119. минута.

Фудбалерот на Реал Сосиедад го постигна само вториот гол во кариерата за Шпанија, но тоа го направи на место кое има посебно место во неговото семејство – Штутгарт.

Неговиот татко Анхел Мигел Мерино остави најдлабока трага во текот на кариерата во Осасуна и Селта, а токму во клубот од Памплона доби шанса да игра на германско тло. Тоа беше на 5 ноември 1991 година, во второто коло од Купот на УЕФА.

По 0:0 од Шпанија, Осасуна победи со 3:2 на гостински терен и помина понатаму. Голот за 2:0 беше дело на таткото на момчето кое во петокот стана херој.

Дека Микел Мерино знаеше што прави, говори податокот дека го прослави голот идентично како неговиот татко.

Се вчитува...