Македонскиот кошаркарски вицешампион Пелистер го започна екипирањето за новата сезона во која повторно ќе атакува на трофеј на домашната сцена, но и успешен настап во АБА2 лигата.
Со таа цел „зелено-белите“ ќе ангажираат проверени кошаркари. Во Битола се враќа повремениот македонски репрезентативец Бобан Стајиќ, а во новата сезона за овој клуб за прв пат ќе заигра и Андрија Бојиќ.
Стајиќ беше дел од битолскиот тим од 2020 до 2023 година, а претходната сезона ја помина во редовите на Работнички каде забележа просек од 7.1 поен, 4.5 асистенции и 2.5 скокови по натпревар. Покрај за битолскиот и скопскиот тим тој во минатото настапуваше и за Лирија, МЗТ Скопје, Фени Индустри, Куманово и Кожув.
Бојиќ пак кој е добро познат во македонската кошарка по настапите за МЗТ Скопје се враќа на мак-баскет сцената, но овој пат ќе настапува за ривалот на „сино-белите“. Двократниот освојувач на Прва лига последниот настап во Македонија го имаше во сезоната 2020/21, а потоа играше и за Младост, кинескиот Каосиунг, Спартак и Слобода Тузла.
„Зелено-белиот“ дрес се очекува во новата сезона да продолжи да го носи и Александар Костоски кој има договор со битолчани, а очекувањата се дека новиот тренер Александар Петровиќ ќе ги има на располагање и дел од останатите домашни кошаркари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА