Австриската компанија „Новоматик“ нема да го презема раководењето со најтрофејниот македонски клуб Вардар, но единствено ќе биде негов спонзор низ наредните години.
Како што истакнаа претставниците на „Новоматик“ на денешното потпишување на договорот со ФК Вардар, за следната година се обезбедени еден милиони евра. Преку нивни претставник во идното раководство на клубот единствено ќе биде надгледувано финансиското работење.
„Сакаме да ја информираме јавноста дека со еден милион евра годишно ќе го поддржиме Вардар. Со оваа важна одлука продолжува соработката на Новоматик за помош на заедницата. Никогаш не отстапуваме од мотото ‘Секогаш општествено корисна компанија’. Нема да ја преземеме управата на клубот, туку ќе имаме наш претставник кој ќе внимава на финансиската состојба на клубот. Вардар е симбол на најголемите македонски спортски успеси. Вардар е најтрофејниот и најпознатиот македонски фудбалски клуб. Затоа ни претставува огромна чест и задоволство да стои нашето лого“ – истакна Марија Митреска од Новоматик.
Но, од ФК Вардар немаше информација денеска кој и како ќе биде во новото раководство на клубот, и кој во иднина ќе биде сопственик на црвено-црните. Се очекува наредниот период да бидат обелоденети кадровските решенија во клубот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА