Македонскиот шампион Струга ТЛ утре од 19 часот во Братислава го очекува првиот натпревар од стартното квалификациски коло за Лигата на шампионите против словачкиот шампион Слован Братислава.
Стружани го добија најтешкиот можен противник за почеток од европската авантура, тимот на Слован, во кој има дури пет репрезентативци на Словачка која, пак, е едно од најпријатните изненадувања на актуелното Европско првенство 2024 во Германија.
Струга ТЛ , како што за ЕКИПА информира словачкиот новинар Павол Спал, на мегдан ќе биде против клуб чиј годишен буџет е 20 милиони евра, и со амбиции е сезонава да игра во групната фаза на европските натпреварувања, најмалку во Конференциската лига.
„Амбициите на Слован за актуелнава сезона се да ја одбрани титулата во словачкото првенство, и задолжително да обезбеди групна фаза во Европа, најмалку барем во Конференциската лига. Сонот секако е да се стигне и до групната фаза од Лигата на шампионите“ – вели новинарот на словачки Спортнет, Павол Спал.
Меѓу најдобрите поединци на тимот е и поранешниот напаѓач на Вардар, Ерменецот Тигран Барсегјан кој беше и најпродуктивен играч во словачката лига минатата сезона. Меѓу најмплатените фудбалери на тимот, чија месечна плата оди и до 50.000 евра, е и словачкиот репрезентативец Јурај Куцка кој има три настапи на Европско првенство и еднаш и на Светско првенство. Тој е поранешен фудбалер на Милан, а долги години беше дел и од Премиерлигата. Тука е и фудбалерот од средниот ред Владимир Вајс, искурен со бројни настапи во Серија А, Ла Лига и Премиерлигата, како и Роберт Мак.
Вистински хит на Европското првенство 2024 во Германија во словачката селекција беше токму и фудбалерот на Слован, Давид Стрелец, кој беше еден од најзапазените кај Словачка на шампионатот.
„Слован има навистина искусен тим. Давид Стрелец е навистина лукав играч кој играл и во Серија А, и кој во средниот ред навистина има контрола на многу акции на тимот. Секако, најдобрата тројка се Куцка, Барсегјан и Вајс. Во секој случај Слован е голем фаворит на дуелот против Струга ТЛ, но искрено секогаш тешко играат на почетокот од европските квалификациски натпревари. Често знаеле да потфрлат токму со противници како Струга ТЛ“ – вели Павол Спал.
Натпреварот меѓу Слован Братислава и македонскиот шампион Струга ТЛ утре од 19 часот ќе се игра на Националниот стадион во Братислава кој е со капацитет од 22.500 седишта. Домаќините очекуваат околу 15.000 навивачи да бидат присутни на првиот меч на Слован во новата сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА