Кавадаречки Тиквеш утре на националната Арена “Тодор Проески“ во Скопје од 20:30 часот го игра својот дебитански натпревар на европската сцена во историјата на клубот.
Тиквеш против исландски Бреидаблик ги почнува натпреварите од 1.квалификациско коло во Конференциската лига, со силна желба, како што вели тренерот Ѓорѓи Мојсов, што подолго да се остане на европската сцена ова лето.
„Искрено, се надеваме и веруваме дека ќе се гледаме повеќе пати на европската сцена ова лето“ – истакна на денешната прес-конференција, Мојсов, притоа дополнувајќи:
„Се подготвуваме за овој историски дуел за Тиквеш силно верувајќи дека може да одиграме квалитетни натпревари. Добро се подготвивме за противникот, одлично е анализиран и верувам дека го испочитуваме она се договорено на тренинзите, тогаш сигурно ќе продолжиме во следната рунда натпревари“.
Мојсов не крие дека ова е историски момент и за градот Кавадарци и за сите во клубот.
„Ние како клуб и како град сме горди што градоначалникот Митко Јанчев стои зад нас. Стабилноста која ни ја дава финансиерот ни дава сигурност единствено да мислиме на фудбалот и да се оддолжуваме со квалитетни партии на терен. Јас верувам дека Тиквеш може да мине неколку кола на европската сцена, го гледам клубот во Европа и по Бреидаблик, и по Дрита“ – вели Мојсов, кој очекува утре позитивен резултат.
„Се на утрешниот меч ќе зависи само од тоа како ние ќе одиграме. Било каква победа утре е позитивна за нас пред реваншот. Тие играат на вештачка трева, но и тоа не е важно. Важно е како ние ќе се претставиме“ – истакнува стратегот на кавадарчани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА