Се е подготвено за вечерашното полуфинале во Дортмунд меѓу селекциите на Англија и Холандија, меч што ќе даде одговор која од овие две селекции ќе излезе на мегдан против Шпанија во неделното финале за европскиот фудбалски трон.
Цели 28 години овие две репрезентации се немаат сретнато на големите натпреварувања, но Англичаните ја немаат на своја страна традицијата, ако се знае дека Холандија е еден од најнепосакуваните ривали за „гордиот албион“ низ годините.
Ова е дел од статистиката што им дава оптимизам на „лалињата“ пред вечерашното полуфинале во Дортмунд…
Ова е четврти дуел на Англија и Холандија на големите натпреварувања, „лалињата“ славеа на првиот на ЕВРО 1988 со 3-1 (хет-трик на Марко ван Бастен), потоа следеше ремито без голови на СП 1990, додека Англија доминантно победи на дуелот на ЕВРО 1996 со убедливи 4-1.
Англија има само една победа на последните девет дуели со денешниот ривал (четири реми, четири порази), и тоа на пријателскиот меч во март 2018 одигран во Амстердам (0-1).
Од сите ривали со кои има најмалку 20 одиграни пресметки, Холандија е европската селекција против која Англичаните имаат најмал процент на успешност (27% – шест победи, девет реми и седум порази).
Англија мораше да игра продолженија и на двете средби од нокаут фазата од ЕВРО 2024, во осминафиналето со Словачка славеше по 120 минути игра со 2-1, додека против Швајцарција триумфираше преку пенал-рулет.
Холандија веќе славеше на две средби на овој шампионат на кои „лалињата“ први примија гол, на премиерниот дуел со Полска и во четвртфиналето против Турција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА