Партизан во нова офанзива по Вил Клајбурн

Партизан се уште е во потрага по нова „ѕвезда“ што ќе ја преземе лидерската улога во тимот на Жељко Обрадовиќ по заминувањата на Кевин Пантер и на Зек Ледеј од белградскиот евролигаш. Прва желба на „црно-белите“ беше Чима Монеке, но Басконија по доаѓањето на Пабло Ласо за тренер ги одби сите понуди и реши да го задржи одличниот крилен кошаркар во своите редови, по што Партизан повторно го насочи вниманието кон Вил Клајбурн.

Поранешниот кошаркар на ЦСКА Москва моментно е без ангажман, откако пред помалку од еден месец го раскина договорот со Анадолу Ефес. Клајбурн не крие дека сака да остане во Евролигата, а Партизан е подготвен да му понуди двогодишен договор за да го убеди 34-годишниот кошаркар да му се приклучи на српскиот гигант.

Клајбурн во последните осум сезони во елитното европско натпреварување има просек од 13,8 поени, 5,4 скокови и 1,7 асистенции по натпревар.

Партизан прави целосен ремонт во играчкиот кадар летово, откако клубот го напуштија Камински, Пантер, Нанели, Доужер, Анѓушиќ, Смајлагиќ, Понитка, Јарамаз и Ледеј, а се очекува од Белград да си заминат и Кабокло и Аврамовиќ.

Досега официјално се потврдени потписите со Вања Маринковиќ, Ифе Лундберг и со Френк Нтиликина, се е договорено и со Брендон Дејвис, а според српските медиуми пред потпис се наоѓаат и Исак Бонга од Баерн Минхен, Стерлин Браун од Алба и Тајрик Џонс од Анадолу Ефес. Покрај овие кошаркари, Жељко Обрадовиќ сака да ги доведе и Ајзеа Мајк од Бург и Аријан Лакиќ од Задар, и секако – Вил Клајбурн, кој би ја имал улогата на лидер во овој „реновиран“ тим на белградските „црно-бели“.

Се вчитува...