Најголемото македонско фудбалско име во историјата, Дарко Панчев, ексклузивно за ЕКИПА од денеска па до 14. јули со постојани анализи од стручен аспект за што ќе се случува на ЕВРО 2024. Златната копачка на Европа за 1991 година и освојувач на европската шампионска титула, како и секогаш отворено, од еден поинаков агол за сите најинтересни моменти од Германија.
=====================================================================
Уште пред почетокот на Европското првенство јасно потенциравме дека Англија, Шпанија, Франција, Германија, Холандија, Португалија ќе дојдат до завршницата на шампионатот без некое изненадување. И на крај се покажа дека генерално токму фаворитите дојдоа до полуфиналните пресметки. Кога ќе се погледне, пак, кој дојде до финалниот натпревар во битката за титулата, Шпанија апсолутно го заслужи своето место. Дури мислам дека според континуитетот на една добра игра, и заслужува да биде европски шампион согласно се досега прикажаното.
Англија, објективно во првите пет натпревари ја разочара европската фудбалска јавност. Факт е дека располагаат со извонредни индивидуалци, но тоа не успеваа да го покажат на терен како тим и навистина беа под своето ренеме и под нивото на екипа која треба да биде шампион. За волја на вистината, се разбудија во полуфиналето со Холандија, конечно почнаа да го користат арсеналот на фудбалски квалитет кој го поседуваат и покажаа многу подобра игра од претходно демонстрираните. Ако го анализираме само полуфиналниот натпревар тогаш Англичаните заслужија финале, но ако се погледне целокупното првенство, тогаш и чудно е како дојдоа до полуфиналето.
Од двете полуфиналните пресметки, натпреварот Германија – Шпанија за нијанса беше поквалитетен, понеизвесен, повозбудлив и си го заслужи епитетот – финале пред финалето. Немаше да биде незаслужено и Германија да се пласираше во финалето, но Шпанија покажа континуитет изминатиов месец и во еден таков случај секогаш добивата награда. Вториот меч, исто така беше неизвесен, но да бидеме реални, Холандија не е на нивото на Англија, Шпанија, Германија…, иако ова првенство го одиграа навистина добро. Но, според квалитетот не се селекција која заслужува да ја понесе титулата – европски шампион, според се она што го поседува како екипа. Има многу елементи на фудбалската игра кои им недостасуваат, иако во секој случај се навистина добра екипа. Немаа среќа со примениот гол во последната минута, но Англија има поквалитетен тим и од неутрален аспект подобро е што ќе бидат во финалето против „црвената фурија“.
РОНАЛДО, ВО ОВИЕ ГОДИНИ, САМ ТРЕБАШЕ ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД НАЦИОНАЛНИОТ ТИМ, ЗАТОА ШТО ЦЕЛА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА Е ЗАЛОЖНИК НА НЕГОВАТА НЕДОПИРЛИВОСТ
Ако ги анализираме ѕвездите на ова првенство, да бидам искрен јас од Кристијано Роналдо на ова Европско првенство и не очекував некои чуда, затоа што навистина е во поодминати години. Најкоректно е од тие играчи од тој калибар, а ги има и во некои други репрезентации, кога ќе дојдат во тие години, поради респектот кој го носат селекторите кон нив, сами да се свесни и да се повлечат од репрезентативните настапи оставајќи место за помладите играчи кои ќе можат повеќе да пружат за националниот тим. Мислам дека вака и тие самите, но и целиот тим, се заложници на сопствената недопирливост, а на штета на сопствената репрезентација која не добива ништо од сето тоа.
Што се однесува до Килијан Мбапе, сите знаеме дека може и подобро од тоа што го покажа на ЕВРО 2024, не го покажа целокупниот„арсенал“ со кој располага. Интересно тој секогаш игра подобро на светските првенства, отколку на европските првенства. Од оние најголемите ѕвезди, константност во игра покажа Џуд Белингам. Можеби навидум за некои немаше некој ефект со голови и асистенции, но оние што следат фудбал знаат дека е огромен креативец, секогаш со значаен придонес во функција на тимот и од сите оние ѕвезди заслужува најголема оценка.
КОЈ ЌЕ ЈА ДОБИЕ ЕВРОПСКАТА КРУНА?
Ако зборуваме од фудбалски аспект, а јас секогаш навивам за фудбалот, тогаш Шпанија заслужува да ја освои европската титула. Но, Англија има извонредни поединци, фудбалери кои играат во големи екипи и преку целата година играат крајно тешки натпревари. И нема да биде никакво чудо ако конечно Англија, сега кога е најтешкото за нив да го одигра и најдоброто, и по толку многу години да ја добие европската круна. Мислам дека нема фаворит во финалето. Ќе одлучуваат нијанси, низ неизвесен натпревар… Во секој случај, кој и да дојде до европскиот трофеј, на крај, секако, согласно квалитетот со кој располагаат двете селекции, ќе биде заслужено!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА