Женската фудбалска репрезентација на Македонија пропушти идеална шанса за да осигура место во баражот за пласман на Европското првенство откако го загуби денешниот клучен дуел, на домашен терен со Летонија со 1-2. Триумф на овој дуел ќе значеше сигурно второ место за Македонија, но и сигурно место меѓу најдобрите три во рангирањето на второпласираните селекции, што носеше и место во баражот.
Сепак, нашите фудбалерки не успеаја да одговорат на предизвикот, губејќи го овој меч во неизвесна завршница. Летонките први поведоа со голот на Полуховица во судиското продолжение од првото полувреме, а доминацијата на Македонија во второто полувреме конечно се исплатеше во 92. минута кога Наташа Андонова стрелаше прецизно за 1-1.
Тој резултат ќе значеше дека Македонија сигурно ќе заврши како второпласирана во групата, но за жал Летонија постигна уште еден гол, овојпат преку Севцова во 96. минута и стигна до победата.
Летонките сега имаат само еден бод помалку во однос на Македонија, но и во следното коло се среќаваат на домашен терен со аутсајдерот Молдавија, додека Македонија во последното коло ќе гостува на Словенија, селекцијата што е убедливо прва со максимални 15 бода и гол-разлика 22-0 во досегашните пет рунди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА