Ташовски се враќа во Битола, Пелистер го задржа и специјалистот за одбрана

Македонскиот кошаркарски вицешампион Пелистер продолжува со промените во ростерот во пресрет новата сезона во кој го очекува и нов настап во АБА2 лигата. По неколкуте засилувања битолчани стигнаа до уште еден нов потпис, а и задржаа важен кошаркар за новите предизвици.

Ново име во тимот е Виктор Ташовски, 22-годишниот плејмејкер кој по неколкуте сезони на прволигашката сцена настапувајќи во скопските екипи Вардар и ТФТ се враќа назад во родната Битола.

Поранешниот младински репрезентативец на Македонија изминатите сезони се наметна како еден од подобрите кошаркари во редовите на ТФТ бележејќи просек од 12.1 поен и 3.5 асистенции на 31 натпревар одигран во Прва лига и 11.2 поени и 2.8 асистенции на 13 одиграни средби во АБА2 лигата во сезоната 2023/24.

Дел од тимот кој во новата сезона ќе биде предводен од Александар Петровиќ ќе биде и Лука Стојановски што ќе значи и нова соработка помеѓу тренерот и кошаркарот по успешните сезони во Академија ФМП.

Дваесетичетиригодишникот кој минатата сезона бележеше просек од 7.о поени и 1.4 скокови и асистенции на домашната сцена, како и 6.8 поени и 1.9 скокови и 1.3 асистенции по натпревар во АБА2 лигата е добро познат по одличната и пожртвувана одбрана, нешто што е заштитен знак и на екипите предводени од Петровиќ.

Се вчитува...