Во финалето на Европското првенство во Германија се среќаваат Шпанија и Англија. Натпреварот ќе се игра во Берлин на „Олимпискиот стадион“. „Фуријата“ импресионираше на патот до мечот за трофејот, додека „Гордиот албион“ неубедливо го започна учеството, беше на работ од бездната, но сепак стигна до можност да го „врати фудбалот дома“.
Англија претходно двапати играше со Шпанија на ЕУРО и двата пати победи. Првата средба меѓу нив беше во групната фаза во 1980 година, каде беше 2-1 за Англичаните, а „Гордиот албион“ триумфираше и во четвртфиналето во 1996 година по подоброто изведување на пенали 4-2 (0-0 во регуларниот дел од натпреварот).
И покрај позитивниот рекорд, Англичаните успеаја да постигнат гол само на една од четирите средби со Шпанците на големите натпреварувања, додека претходните две завршија со резултат 0-0. Шпанија е значително поуспешна ако се бројат сите дуели што ги одиграле забележувајќи седум победи и четири порази, а имаше и три нерешени.
Герет Саутгејт ќе може да смета на сите свои фудбалери на денешниот натпревар, додека Де ла Фуенте ќе го нема само Педри кој се повреди во четвртфиналето против репрезентацијата на Германија.
Натпреварот кој ќе се игра на „Олимпскиот стадион“ во Берлин е закажан за во 21 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА