Младите македонски ракометари успеаја да се вратат на победнички патеки на Европското првенство за играчи до 20 години што се одржува во Словенија, триумфирајќи на денешниот дуел со Полска со резултат 28-26, во меч во кој Македонија имаше целосна контрола над играта и резултатот, во второто полувреме водејќи и со шест гола разлика. Разочарувачкото реми со Австрија кое значеше разигрување од 9 до 16. место на шампионатот не остави трага врз мотивираноста и квалитетот на игра на македонските ракометари, кои се прикажаа во одлично светло и успеаја да стигнат до втората победа на шампионатот.
Првиот дел мина во израмнета битка, Македонија замина на одмор со еден гол предност (15-14), но затоа вторите 30 минути минаа во целосна доминација на избраниците на Раде Стојановиќ. Полска парираше само до 19-18, по што Македонија влезе во посакуваниот ритам и со серија од четири гола успеа целосно да се одлепи (23-18).
Со голот на Дамјан Митев нашата млада селекција стигна и до најубедливи шест гола предност (26-20), по што дојде до мало опуштање во нашите редови. Полска го искористи тоа за да ја намали негативата стигнувајќи до 27-24, Митев ја прекина мини-серијата на противникот, по што Македонија рутински го приведе мечот до крај, триумфирајќи со конечните 28-26.
Узунчев, Митев и Калајџиоски беа најефикасни во македонскиот табор со по четири гола, а по три погодоци постигнаа Субашевски и Карасманакис.
Македонската ракометна репрезентација утре се среќава со Романија во нов меч од групата за разигрување за пласман од 9. до 16. место, по што ќе следи и меч со селекцијата на Франција.
Photo Credit: Jurij Vodušek / Rokometna zveza Slovenije
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА