Партизан ја продолжува потрагата по нови засилувања по одлуката на „црно-белите“ по резултатскиот неуспех минатата сезона да му дадат слобода на Жељко Обрадовиќ да направи целосен ремонт во играчкиот кадар.
Речиси сите кошаркари на Партизан си заминаа или се на пат да потпишат за други клубови, досега „црно-белите“ ги потпишаа Вања Маринковиќ, Ифе Лундберг и Френк Нликина, пред потпис се наоѓа и центарот Брендон Дејвис, а според последните информации на тимот на Жељко Обрадовиќ би требало да му се приклучи и репрезентативец на Јужен Судан.
Станува збор за плејмејкерот Карлик Џонс, 26-годишен кошаркар кој блескаше во дресот на националниот тим на последниот Мундобаскет, со неверојатни бројки од 20.6 поени и 10,4 асистенции по натпревар. Џонс ја мина ланската сезона во Кина, каде за тимот од Џеџанг Голден булс имаше просек од 16,6 поени и 4,9 асистенции по натпревар, а одличниот плејмејкер сега е подготвен и за преселба во Европа, а во преден план во трката за негов потпис е токму Партизан.
Како што јавува „Моцарт Спорт“, преговорите меѓу двете страни се во напредна фаза и се очекува Џонс наскоро да го стави својот потпис на договорот со Партизан, со што Обрадовиќ би решел значаен дел од мозаикот, составувајќи го клучниот дел од бековската линија за наредната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА