Македонската женска репрезентација денеска од 19 часот на стадионот на ФК Алуминиј во Кидричево го игра последниот натпревар од Лигата Ц во квалификациите за настап на Европското првенство.
На Македонија и е неопходна само победа за да го зачува второто место во Групата 2. Македонската репрезентација во моментов е на втората позиција која води во баражот за ЕП со 7 бода, зад Словенија која е убедливо прва со 15 бода и денешниот натпревар за нив нема резултатско значење. Македонија со пораз може да го загуби второто место, ако Летонија ја оправда фаворитската улога и денеска го победи аутсајдерот Молдавија. Летонките во моментов се на третата позиција со 6 бода.
„Ќе дадеме се од себе за да извлечеме позитивен резултат. Теоретски се уште сме во игра за второто место и баражот и се додека постојат шанси ние ќе се бориме. Ќе се обидеме да се надминеме сами себе и да ги израдуваме сите со позитивен резултат. Вечерва одиме на победа, нема што да загубиме, а може само да добиеме“ – вели селекторот на македонската селекција, Александар Андов, кој дополнува:
„Ако сакаме да растеме како репрезентација мора да размислуваме како победници, и мора да научиме да се надигруваме со секоја селекција. Во фудбалот се е возможно, секој може да победи секого , па затоа и вечерва ќе играме да победиме, а дали ќе успееме само од нас ќе зависи“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА