Кадетите поразени и на втората контрола со Црна Гора

Кадетската кошаркарска репрезентација на Македонија претрпе уште еден пораз на контролните дуели со Црна Гора, овојпат со убедливи 96-63 на дуелот одигран во Тиват.  Сериозен хендикеп за нашиот кадетски состав во пресрет на втората проверка, беше здравствениот билтен, односно стомачниот вирус кој го „нападна“ тимот кој го предводи селекторот Александар Јованчев, а поради кој за вториот контролен меч во Тиват не можеше да смета на тројца кошаркари, Терзиевски, Ефтимовски и Стојановски.

Слично како и на првиот натпревар, и на овој домашната селекција рано се стекна со висока предност. На крајот на првиот период, кадетите на Црна Гора водеа со (30:14), до полувремето, веќе имаа позитива од 23 поени (55:32). Сличен беше развојот на настаните и во второто полувреме во кое Црна Гора стигна до убедлива победа.

На овој натпревар, поентерски во нашата селекција се издвои Цветковски, кој реализираше 23 поени, сосема солидно издание во офанзивниот дел имаше и Ѓорѓевиќ кој беше стрелец на 18 поени (имаше и седум скока и четири асистенции), додека Сребров го заврши мечот во Тиват со десет поени.

Се вчитува...