Македонскиот шампион Струга ТЛ денеска во Охрид од 17 часот на „Билјанини извори“ го пречекува словачкиот шампион Слован Братислава, во реваншот од првото квалификациско коло од Лигата на шампионите.
И покрај поразот од 4-2 на првиот натпревар во Братислава, стружани силно веруваат дека може да се одигра квалитетен меч кој ќе донесе победа и за пласман во следната рунда натпревари.
„Во текот на неделата ги анализиравме нашите грешки кои ги направивме на првиот натпревар против Слован Братислава. Токму на овонеделниот тренинг работевме да не се повтори истото на денешниот натпревар. Нашиот заклучок како стручен штаб беше дека имавме периоди каде што бевме доминантни, но имаше и периоди каде што не бевме на вистинското ниво, особено на крајот од натпреварот кога се кршеше резултатот“ – изјави тренерот Ќатип Османи, којне го крие оптимистичкото расположение и покрај двата гола недостаток.
„Разговаравме и со играчите во кои видов позитивна енергија. И покрај двата гола минус што ги имаме, веруваме дека не се несовладливи. Мислам дека може да се достигне разликата од два гола. Сите во клубот се оптимисти, па очекуваме да го дадеме максимумот и да дојдеме до позитивен резултат. Кога велам позитивен, мислам на резултатот што би ни овозможил да ја поминеме оваа рунда“ – дополнува Османи.
Победникот од овој двомеч во второто квалификациско коло од Лигата на шампионите за противник ќе го има шампионот на Словенија, Целје, кој во првото коло го елиминираше шампионот на Естонија, Флора Талин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА