Ергин Атаман добива нов договор во Панатинаикос

Турскиот стратег Ергин Атаман седна на „жешкото столче“ на клупата на Панатинаикос и веќе во првата сезона со клубот успеа да заврши фантастична работа освојувајќи ја Евролигата, а и ја прекина доминацијата на Олимпијакос во домашното првенство.

Атаман направи целосен ремонт, ги погоди засилувањата и направи фантастична хемија во тимот кој се врати од негатива во четвртфиналната серија против Макаби Тел Авив во Евролигата и против Олимпијакос во домашното првенство. Тоа ќе му донесе и нов договор, потврди претседателот на клубот, Димитрис Јанакопулос.

„Кога целиш на пет последователни евролигашки титули и кога сакаш да го престигнеш Реал, тогаш ги „заклучуваш“ сите играчи кои ти требаат, а мораш и да обезбедиш маестро да биде постојан жител на Атина во годините кои следат“, напиша Јанаколупос на социјалната мрежа „Инстаграм“.

Турчинот пристигна во главниот град на Грција со двогодишен договор, а очекувањата се дека да добие нов повеќегодишен договор со поголеми примања.

Се вчитува...