Македонскиот првак МЗТ Скопје договори учество на турнир во Кина, како дел од подготовките за новата натпреварувачка сезона. Аеродромци денеска и официјално потврдија дека е прифатена поканата за настап на силниот турнир во Кина (27 август-1 септември), која управата на „металцит“ со задоволство ја прифати.
„Аеродромци кон крајот на следниот месец ќе заминат во кинескиот град Чонгкинг, кој се наоѓа во истоимената провинција во оваа трета по големина земја во светот. Овој турнир ќе биде исклучително квалитетен, со оглед што освен нашиот тим на него ќе настапат и кинеските шампион Лиаонинг и вицешампионот Ксинјанг додека името на четвртата екипа, која исто така ќе биде од Европа, дополнително ќе биде објавено“, објави МЗТ Скопје.
Ова ќе биде добра проверка за четата предводена од тренерот Васко Атанасов во пресрет на сезоната во која ќе се брани двојната круна на домашна сцена и ќе биде направен обид за добар настап во АБА2 и евентуално враќање во јадранската елита. Летово нови аквизиции за МЗТ се Американецот Брандон Слај и Србинот роден во БиХ, Милош Копривица, додека соработката ја обновија Хрватот Марко Баковиќ и браќата Дамјан и Војдан Стојановски.
Договор со МЗТ Скопје имаат уште и Бојан Крстевски, Марин Петков, Андреј Андоноски и Марко Миловановиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА