Повредата е сериозна: Меси „во аут“ на неодредено време

Лионел Меси го очекува подолга пауза од фудбалските терени по повредата што аргентинскиот генијалец ја заработи во финалето на Копа Америка против Колумбија.

Отокот на повредениот зглоб беше огромен, јасен доказ дека Меси има сериозен проблем поради кој мораше да биде заменет во големото финале, а по извршените детални прегледи од неговиот клуб Интер Мајами стана јасно дека ќе треба да мине уште извесен период за да почне да се говори за евентуален камбек.

Меси од претходно беше отпишан за претстојните две средби во МЛС против Торонто и Чикаго, но според последните информации паузата ќе биде многу подолго.

„По деталните прегледи беше утврдено дека Лео Меси ги има повредено лигаментите на десниот скочен зглоб. Кога тој ќе може повторно да игра ќе зависи од брзината на рехабилитацијата од повредата“, се вели во соопштението на Интер Мајами.

Неофицијално, паузата на Аргентинецот ќе изнесува најмалку еден месец, а останува да се види како тоа ќе се одрази врз резултатите на неговиот тим, кој моментно се наоѓа на второто место во Источната конференција од МЛС-лигата.

Се вчитува...