Франција и го нанесе првиот пораз на Македонија на ЕП

Младата ракометна репрезентација на Македонија го забележа првиот пораз на Европското првенство во Словенија, откако денеска беше поразена од Франција со 18-25.

Французите со два гола во низа го отворија натпреварот и брзо стигнаа до позитива од 0-2. Нашите избраници заиграа подобро во следниот период, a целиот пресврт го предводеше голманот Давид Брестовац кој со неколку зицери успеа да помогне Македонија да поведе со 6-4. Во следниот период се играше гол за гол се до финишот на првиот дел кога „галските петли“ успеаја со два гола во низа на пауза да заминат со највисоката за нив позитива од два гола 10-12.

Французите подобро го отворија второто полувреме и веќе на стартот на вторите триесет минути за првпат стигнаа до позитива од четири гола 12-16. Французите имаа и највисоки плус пет 13-18, кои што успеаја до крајот само да ги зголемат за 18-25. Стојановски, Белистојаноски, Митев и Калајџиев со по три гола беа најефикасни во нашиот табор, додека кај Французите Карамоко постигна четири гола.

Македонските ракометари ќе разигруваат за пласман од 9. до 12. место на европскиот шампионат, откако веќе од претходно го осигураа и настапот на Светското првенство следната година.

Се вчитува...