Барселона планира сериозно да се засили во текот на летово за да одговори на мегатрансферот на Килијан Мбапе во Реал Мадрид, а јавна тајна е дека на врвот на листата со желби на каталонците се двајцата шпански репрезентативци, Дани Олмо и Нико Вилијамс. Приоритет во моментов е ангажманот на Олмо, ако се знае дека клаузулата на извонредниот плејмејкер истекува во текот на денешниот ден, последен рок во кој заинтересираните клубови можат да го доведат соиграчот на Елиф Елмас за сума од 60 милиони евра.
Токму поради ова, каталонците доцна синоќа испратија официјална понуда до Лајпциг во вкупна висина од 60 милиони евра. Како што јавуваат каталонските медиуми, понудата не е доволна за автоматски да биде активирана клаузулата бидејќи загарантирани се околу 45 милиони евра, а останатите 15 милиони се врзани со неколку клаузули што се опишани како лесно остварливи. Токму затоа, на потег е раководството на Лајпциг, дали да ја прифати оваа понуда или истата да ја одбие, па потоа во текот на летото да се обиде да заработи уште повеќе од продажбата на својот најдобар фудбалер.
За Олмо веќе е подготвен шестгодишен договор со Барса што самиот фудбалер веќе го има прифатено. Тој не ја крие желбата да се пресели во клуб со кој ќе атакува на трофеи, нема сомнеж дека трансфер на „Камп Ноу“ ќе му биде огромен чекор напред во кариерата, но останува да се види дали Жоан Лапорта и покрај постоечките финансиски проблеми ќе успее да го доведе овој ас како големо засилување на Барса.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

