Црвена Звезда плаќа четири милиони евра за крило од Ангола

Црвена Звезда е на добар пат да го комплетира најскапиот трансфер летово откако влезе во завршна фаза од преговорите со Макаби Тел Авив за ангажман на Фелси Милсон. Како што информира „Спорт Клуб“, српскиот првак е подготвен да плати четири милиони евра за да го ангажира овој крилен офанзивец, кој би требало да го заземе местото во тимот на Олајинка, кој се наоѓа пред преселба во Славија Прага.

Овој 25-годишен фудбалер има зад себе извонредна сезона во Макаби Тел Авив, каде интернационалецот од Ангола му помогна на својот тим да стигне до титулата во израелскиот шампионат. Тој постигна седум гола и десет асистенции откако минатото лето пристигна во Макаби за сума од 700.000 евра, по што неговата цена значително се зголеми.

Израелскиот тим веќе одби богата понуда од грчки АЕК за Милсон, но самиот фудбалер инсистира да му биде дозволено да си замине од Израел поради војната што владее во оваа држава. Негова желба е да се пресели во Црвена Звезда за што веќе ја известил и управата на Макаби, па останува да се види дали клубовите ќе се договорат за отштетата за офанзивецот од Ангола што поскоро да дојде во Белград.

Се вчитува...