Кратко траеше престојот на македонската младинска репрезентација во елитното друштво откако нашиот национален тим со денешниот пораз од Исланд (116-87) и официјално испадна во Б дивизија за наредната година, кога станува збор за генерацијата до 20 години. Една година откако на ЕП во Скопје стигнаа до билет за елитата, младите кошаркари предводени од Боро Смилковски играат катастрофално на шампионатот во Полска, губејќи го и шестиот меч во низа, сите шест со двоцифрена разлика.
Исланд барем на хартија беше ривал со кого можеме да играме и да се надеваме на позитивен резултат, но ситуацијата на теренот беше сосема спротивна. Македонските кошаркари беа подобар ривал само во првата четвртина, добивајќи ја со 20-14 по бројните промашувања и загубени топки на исландските репрезентативци. Втората четвртина почна со две тројки во серија на Исланд како најава на шутерското шоу на противникот што траеше до самиот крај. Противничката селекција со тројка со звукот на сирената замина на одмор со водство од 46-38, на самиот старт од третиот период стигна и до двоцифрена позитива што дополнително ја зголемуваше до самиот крај.
За жал, шансата за позитивен резултат се претвори во ново фијаско, па Македонија прими неверојатни 116 поени го загуби овој меч со конечни „минус 29“, за дополнително влошување на впечатокот на ова ЕП. Шошкиќ со 19 и Јовановиќ со 17 поени беа најефикасни во македонскиот состав, а мора да се истакне неверојатниот шут од далечина на Исланѓаните, кои погодија дури 20 тројки со 50% успешност.
Овој пораз значи и дефинитивно губење на шансите за опстанок во елитното друштво, па Македонија од следната година се враќа во Б дивизијата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА