Со триумф над Црна Гора завршен настапот на ЕП во Полска

Македонската кошаркарска репрезентација до 20 години настапот на Европското првенство во „А“ дивизија кое се одржа во Полска го заврши со триумф славејќи против Црна Гора со 81-69. Со тоа тимот предводен од Боро Смилковски го заврши првенството на 15. место.

Силите беа изедначени на стартот на натпреварот, а во неефективната прва четвртина на семафорот стоеше резултат 11-15. Македонија го најде својот ритам во втората четвртина која ја доби со 26-12 со одлична игра и во одбраната па поведе со двоцифрена предност (37-27).

Македонските кошаркари моментумот го пренесоа и на отварањето на третата четвртина па ја удвоија предноста на +20 (62-42) пред последните десет минути и го решија победникот на средбата. Опуштеноста во македонските редови Црногорците ја искористија за ублажување на поразот, во еден момент негативата стигна беше и едноцифрена (75-67), но „црвено-жолтите“ не дозволија камбек.

Со 15 поени Теодор Симиќ беше прв стрелец на Македонија, а него го следеа Бојчев и Стојаноски со по 13 поени и Бошалески со 12 поени. Иванов постигна 11 поени.

Се вчитува...