ТАЈМАУТ: Формула на успехот – кога визијата за иднината е послатка од „инстант-радоста“

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Во овој период на македонско спортско сивило огромно освежување е резултатот на младинската репрезентација на Македонија, која го освои деветтото место на Европското Првенство што се одржуваше во Словенија. Пласманот е идентичен на оној што голем дел од овие играчи го имаа минатото лето на младинскиот мундијал во Хрватска, но она што уште повеќе радува е очигледниот напредок кај нашиот национален сотав, како на тактички и физички, така и на колективен план, како уште еден во низата докази за ракометниот развој во нашата земја во изминатите десетина години.

А успехот, кога е дел од сериозен проект, никогаш не е случаен, туку доаѓа како резултат на прецизна визија надополнета со макотрпна работа на сите вклучени во истиот. А токму тоа беше предизвикот со кој се соочи актуелното раководство на РФМ кога пред десетина години застана на чело на овој спорт, со сериозно квалитетна сениорска репрезентација но и речиси руиниран младински ракомет. Школата на Металург беше единствената што произведуваше играчи во тој период, но на сите им беше јасно дека за посериозен исчекор и резултати ќе биде потребен равој од секој аспект, во многу повеќе ракометни средини од онаа во „Автокоманда“ предводена од Лино Червар.

Патот не беше лесен, но визијата беше јасна, а за нејзината реализација се инвестираше многу, пред се во масовност, затоа што мора да се изгради квантитет за да се дојде до квалитет. Се субвенционираа екипите за што поголемо учество во млади категории, се покриваа трошоци за официјални лица, младите селекции кои до претходно не беа ниту пријавувани сега добија многу посериозен третман.

Се почна со младинската репрезентација што обезбеди пласман на СП во Алжир, што беше само импулс плус за луѓето од федерацијата за уште поголем фокус на работата со помладите генерации, што го донесе македонскиот ракомет онаму каде што е во моментов – покрај апсолутниот континуитет на сениорите на големите натпреварувања, годинава и сите младински селекции да бидат дел од А дивизиите во своите возрасни генерации.

Да потсетиме, оваа генерација патот кон ѕвездите го почна со ЕХФ шампионатот во Бугарија, кога се јавуваа и критикува за „неоправдано жртвување“ на дел од ракометарите кои помлади отпатуваа за да добијат искуство плус одземајќи им го правото за настап на дел од повозрасните. Следеше оној ЕХФ шампионат во Рига на кој Македонија го освои првото место и влезе во елитата, каде што со добрите игри во последните две години оваа генерција ракометари дефинитивно докажа дека и е местото токму таму, во кремот на европскиот и светскиот ракомет.

Секако, како креатори на успехот не треба да се изостават клубовите, особено оние кои им дадоа шанса на овие млади ракометари да се здобијат со сениорско искуство што беше и повеќе од драгоцено на ова ЕП. Добро познат е суштинскиот проблем во македонскиот спорт (особено во оние колективните), полесно е да платиш странец што за една година ќе си замине, отколку да инвестираш сопствен труд во креирање на нешто сопствено. Тука значаен дел од ракометните клубови отскокнуваат од „македонската матрица“, даваат акцент на домашното пред странското и токму тоа дава квалитет.

„Нашата мисија ќе биде исполнета кога ќе го добиеме новиот Кире, Столе, Жути, Манасков. Кога ќе го постигнеме тоа, ќе може да кажеме дека тоа е тоа што треба. Градиме нешто добро за македонскиот спорт, за нашата држава Република Македонија, затоа што сметам дека тоа нешто е многу важно. Мора прво да веруваме во себеси, во тимот, во сите околу нас, мора да веруваме во Македонецот ако сакаме да направиме нешто како што треба“, изјави првиот човек на РФМ, Живко Мукаетов, на почетокот на проектот РК Алкалоид, јасно ставаќи ги до знаење приоритетите.

„Основна цел е да се регрутираат млади таленти кои ќе ги научиме на добри човечки вредности и да имаме раст на мак-ракометот. Основна идеја и цел е да го шириме нашиот проект. Почнавме пред една и пол година, но ова кое сега го гледате е едно прекрасно чувство на млади луѓе посветени на спортот. Посакуваме да изградиме систем во кој сите ќе се вклопат и човековите вредности и растот ќе бидат на прво место“, додаде во истата пригода успешниот бизнисмен.

Лесно е да се зборува, потешкиот дел е зборовите да се претворат во дела, а Мукаетов и Алкалоид го сторија токму тоа, поставувајќи стандарди во работа со младите категории во мак-ракометот. Успехот на ова ЕП дефинитивно не е само на РК Алкалоид, туку и на сите останати клубови кои несебично се вложуваат во вистинскиот рецепт на македонскиот спорт, почитувајќи го домашното пред странското, инвестирајќи ресурси во младите и нивниот развој, бидејќи тоа е единствениот правилен начин да се чекори напред… Инстант успехот зад себе традиционално остана генерациски дупки, правилната визија за развој – долгорочна стабилност и потенцијал за уште поголеми дострели…

И кога сето тоа ќе се сработи, ќе стигне и една голема победа како онаа вчерашната над моќната Франција. Да се биде деветти или десетти во Европа, разликата реално не е преголема, но кога ќе се победат ривали како Полска, Унгарија, Франција… кога еден гол ќе те дели од Топ 8, а сепак ќе покажеш карактер за да се издигнеш над разочарувањето и ќе донесеш радост на цела спортска со 20-годишна селекција, тоа значи дека си на вистинскиот пат. И дека визијата за светлата ракометна иднина станува реалност…

Се вчитува...