Фудбалерите веќе подолго време се жалат на се поголемиот број на натпревари што се принудени да ги играат во текот на една натпреварувачка сезона, но не само што никој не ги слуша нивните поплаки, туку трендот се повеќе добива на интензитет.
Шпанските медиуми пресметаа дека актуелниот европски првак Реал Мадрид би можел да одигра неверојатни 72 меча во новата сезона доколку стигна до завршницата во Лигата на Шампионите, Купот на Шпанија и на клупскиот мундијал што е закажан по завршувањето на наредната сезона (15 јуни до 13 јули).
Сезоната на „кралевите“ ќе почне со дуелот против Аталанта во Суперкупот на Европа на 14 август, по што ќе следи и старт во сите останати натпреварувања. Променетиот систем и згуснатиот распоред во ЛШ ќе значи четири меча повеќе во елитното европско натпреварување (ако е стигне до финалето), а клупскиот мундијал носи и дополнитени пет средби за тимот на Карло Анчелоти, па јасно е дека Италијанецот ќе треба добро да го ротира тимот и да се надева да не дојде до посериозни проблеми со повреди при една вака напорна сезона…

ФИФА не гледа премногу сериозно на поплаките на фудбалерите, па Здружението на професионалните фудбалери најави дека ќе поднесе и официјална тужба против светската куќа на фудбалот, за злоупотреба на моќта и незаконско згуснување на календарот за натпреварување.
Останува да се види разврската на целиот случај, но едно е сигурно, по така напорни сезони, многу нормално е најдобрите светски фудбалери да немаат сили да блеснат во сиот свој сјај како што тоа беше случај на штотуку завршеното ЕВРО 2024.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

