Леброн Џејмс успеа да си ја исполни големата желба и да заигра во ист тим со својот син Брони, кој летово беше драфтуван од Лос Анџелес лејкерс. „Кралот“ ќе стане првиот татко што играл во иста екипа со својот син во историјата на НБА-лигата, но Леброн Џејмс не би бил она што е ако веднаш пред себе не постави нова цел.
Така, „кралот“ Џејмс веќе им соопштил на своите најблиски дека следна желба му е да стане сопственик на клуб во НБА-лигата, пренесуваат американските медиуми. И тоа не да купи нов клуб, туку да застане на чело на новата франшиза што се најавува веќе подолго време – во Лас Вегас. Бројни милијардери се наоѓаат во трката да застанат на чело на овој проект, но последните информации говорат дека Леброн е една од водечките фигури во трката.
Вкупната вредност на проектот ќе изнесува над седум милијарди долари, a Леброн Џејмс би бил заштитно лице на конзорциумот што е подготвен да ја плати оваа сума, а во кој се наоѓа и сопственикот на брендот „Ред Бул“.
Создавање на нов тим во НБА-лигата, и тоа токму во Лас Вегас, е нешто за што се шпекулира неколку години наназад. Комесарот Адам Силвер неодамна истакна дека конкретни преговори на оваа тема може да почнат уште во текот на оваа есен, а се најавува дека новиот клуб би можел да стартува со натпреварување најрано во 2026 година.
Леброн Џејмс тогаш би требало да стави крај на својата фантастична играчка кариера, па останува да се види дали легендарниот кошаркар веднаш потоа би седнал во сопственичка фотелја, за да го пренесе своето искуство на еден поинаков начин…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА