Македонскиот тенисер Горазд Србљак го заврши настапот на ИТФ фјучрсот во Куршумлијска Бања откако денеска во мечот од првото коло загуби од седмиот носител Андреј Недиќ од Босна и Херцеговина со 2-1 во сетови (6-1 4-6 6-2) за 2.15 часа игра. Србљак имаше успешни три настапи и победи во квалификациите и со тоа се избори за денешниот меч, кој сепак му припадна на противникот 19-годишниот Недиќ.
Само еден брејк имаше македонскиот тенисер во мечот, наспроти пет на противникот. Во првиот сет Недиќ почна со два брејка и водство од 4-0 во гемови, а првиот гем Србљак го освои во петтиот гем. Сепак до крајот на првиот сет двата гема му припаднаа на Недиќ за 6-1 во првиот сет. Во вториот сет веднаш на стартот Србљак направи брејк за водство од 1-0, а потоа поведе и со 2-0 и таа предност од два гема македонскиот тенисер ја зачува до крајот на сетот што го доби со 6-4 во гемови. Во решавачкиот сет по 1-1, во четвртиот гем од сетот Недиќ направи брејк за водство од 3-1, во следниот гем по 12 одиграни поени, Србљак испушти и една брејк топка да го врати „загубениот гем“. По 4-1 тенисерот од Босна и Херцеговина прдност ја зачува до крајот на сетот и го доби со 6-2 во гемови.
Србљак е пријавен и следната недела за настап на турнир во Куршумлијска Бања.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА