Каталонскиот гигант денеска и официјално го промовираше Ханси Флик за свој нов тренер.
Првиот човек на Каталонците, Жоан Лапорта вели дека Флик носи свежина која му е потребна на тимот.
„Флик има свежина, ќе ни даде нов импулс. Ја земавме предвид неговата биографија, искуство, неговиот начин на тренирање, самодовербата што ја пренесува… и желбата и ентузијазмот што ги видовме во него. На играчите им требаше личност која цврсто ќе верува во нив. Тој е најквалификуваниот човек да го даде овој нов поттик што сакаме да го дадеме на нашиот тим“, рече Лапорта.
Флик во својата прва изјава како тренер на Барселона рече дека дошол во Каталонија за да освојува трофеи.
„Многу сум среќен, од првиот момент почувствував дека ова е неверојатен клуб. Сите помагаат, го гледам тоа. Овој клуб сака да се натпреварува за титули и затоа сум тука. Важно е да се освојуваат титули, тоа е мојата цел, да освојувам трофеи. Нема да кажам ништо за играч кој не е од нашиот клуб. Се фокусирам на мојот тим“, изјави Флик кој ја претстави и својата идеја за играта на тимот.
Флик како тренер на Баерн Минхен ги освои Лигата на Шампиони, ФИФА Светското клупско првенство, УЕФА Суперкупот, две титули во Бундеслигата и по еден германски Куп и Суперкуп.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

