Селекторот Андреевски пред ЕП: Секогаш сум оптимист, на секој меч ќе одиме на победа пред домашната публика!

Македонската кошаркарска репрезентација до 18 години денеска попладне го започнува настапот на Европското првенство од Дивизијата „Б“ кое се одржува во нашиот главен град. А македонските јуниори сакаат да го искористат и тој „домашен момент“ во обидите да се дојде до еден резултат, кој може да донесе промоција и во иден учесник на евро-шампионатот во Дивизијата „А“.

Селекторот Горан Андреевски вели дека неговите пулени се подготвени успешно да ги бранат боите на Македонија на ова првенство.

„Успешно завршен период е зад нас. Одигравме пет пријателски натпревари во кои забележавме скор од четири порази една победа. Но тоа не нė обесхрабрува. Игравме три натпревари без Луканоски, а два без Јаничиќ, кој заедно со Стојковиќ, Ќириловски, Младеновски и Димитријев се предводници на оваа селекција“.

Околу очекувањата за дуелите со ривалите во групата „Ц“,  Андреевски со став.

„Очекувам да отвориме со победа против Ирска. Имаме информации за противникот и имавме неколку дена да се спремиме за овој премиерен меч во групната фаза. Шанса за влез во четвртфиналето би барале преку победа над Босна и Херцеговина или Украина. Доколку победиме една од овие две репрезентации имаме реални шанси за добар резултат. Доколку не, ќе треба да се бориме за пласман во втората половина на табелата“ – вели Андреевски, притоа дополнувајќи:

„Морам да нагласам дека физички гледано, имаме најслаба или неспремна селекција заедно со репрезентацијата на Косово, и тоа е еден од клучните фактори кој што треба да го надминеме, а во исто време е огромен хендикеп за нас во однос на другите екипи кои се присутни на првенството. Јас сум секогаш оптимист кој секој натпревар размислува само за победа. Со повеќе залагање и малку среќа, можеби и би можеле да направиме посериозен резултат. Атмосферата во тимот е на завидно ниво, и има доста позитивна енергија што е секако важен фактор за едно вакво натпреварување“.

Се вчитува...