Спектакуларно е денешното свечено отворање на Олимписките Игри во Париз, прво во историјата што не се одржува на стадион. Организаторите се решија за невообичаен потег, па отворањето се одржа на реката Сена, каде делегациите на земјите-учеснички на вкупно 85 бродов продефилираа низ француската престолнина пред околу 300.000 спортски фанови што во живо го следат овој спектакл.
Знаменосците Дарио Ивановски и Мила Релјиќ го развеаја македонското знаме на бродот по Сена, како предводници на македонската делегација која брои шест спортисти. Македонската делегација се наоѓаше во ист брод заедно со делегациите на Луксембург, Лихтенштајн и на Мадагаскар, како дел од овој спектакл во „градот на светлината“.
Покрај атлетичарот Ивановски и таеквондистката Релјиќ, Македонија на овие ОИ ќе ја претставуваат и борачот Владимир Егоров, пливачот Никола Ѓуретановиќ, џудистот Еди Шерифовски и стрелачката Анастасија Мојсовка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА