Трабзонспор е на добар пат да обезбеди квалитетно засилување за нападот, откако влезе во последна фаза од преговорите со Воут Вегхорст. Холандскиот џин кој беше херој на „лалињата“ на премиерниот меч од ЕВРО 2024 против Полска е под договор со Барнли, но по испаѓањето на овој клуб од Премиер-лигата јасно е дека Вегхорст ќе биде продаден, а Трабзонспор е апсолутен фаворит во оваа трка.
Клубот на нашиот Енис Барди во последните десетина дена преговараше со агентот на Вегхорст, за денеска и конечно да бидат договорени сите детали околу тригодишната соработка. Трабзон бараше нов голгетер за првотимец откако Пол Онуачу по успешната позајмица се врати назад во Саутемптон, а „светците“ инсистираа на превисока отштета што турскиот клуб немаше намера да ја плати.
Вегхорст има само уште нецела година од договорот со Барнли и тоа сигурно ќе се одрази врз цената, па во Трабзон се надеваат дека три милиони евра ќе бидат доволна сума за да се осигура потписот на холандскиот репрезентативец.
За Вегхорст, кој пред неколку сезони настапуваше за Манчестер Јунајтед, ова би било враќање во Турција откако дел од сезоната 2022/23 го мина во дресот на Бешикташ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

