Јуниорската репрезентација на Македонија одигра уште еден фантастичен натпревар, славејќи во четвртфиналната пресметка против Португалија со убедливи 71-42, за пласман во полуфиналето од Европското Првенство – Б дивизија што се одржува во Скопје. Нашите млади кошаркари одиграа уште еден извонреден меч, потврдувајќи го квалитетот што го демонстрираа во групната фаза, за кошаркарска лекција за Португалците кои во ниту еден момент не можеа да се понадеваат на изненадување во СРЦ „Кале“.
Цврстата одбрана беше наш заштитен знак во ова четвртфинале, во кое Португалија во првата четвртина постигна само осум поени. Гостите сите осум поени ги постигнаа во првите седум минути од мечот, по што Македонија заигра уште поцврсто во дефанзива, нашите кошаркари почнаа и да погаѓаат во нападот, па го добија овој дел од мечот со 17-8. Вториот период мина во израмнета борба во која Португалија не дозволи посериозно да се одлепиме, но затоа откако на одмор се замина со 30-22, во третата и четвртата четвртина можеше да се проследи апсолутна доминација на македонските јуниори.
Третиот период беше доволен за победата да биде осигурана, откако противникот беше задржан на само девет поени додека македонските кошаркари постигнаа дури 21,па во последната четвртина се влезе со огромни „плус 20“ (51-31). Преостанатите десет минути беа само рутина за избраниците на селекторот Андреевски, кои не само што ја задржаа, туку и дополнително ја зголемија предноста до конечните „плус 29“.
Марко Луканоски импресионираше под обрачите стигнувајќи до дабл-дабл од 17 поени и 14 скокови, Јаничиќ постигна 16, а Марјановиќ 10 поени во овој убедлив триумф.
Противник на Македонија во полуфиналето ќе биде подобриот од вечерашниот дуел меѓу Бугарија и Швајцарија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА