Јужен Судан претрпе убедлив пораз во третото коло од Србија и не успеа да се пласира во четвртфиналето на Олимписките Игри, а предводниците на африканската селекција вината за неуспехот ја лоцираа кај арбитрите кои според нив немале ист критериумф за двете селекции.
Селекторот Ројал Ајви беше бесен на арбитражата, а неговиот став го поддржа и поранешната НБА-ѕвезда Луол Денг, кој сега е претседател на Кошаркарската Федерација на Јужен Судан.
„Се согласувам со голем дел од она што нашиот селектор го кажа. Имам големо искуство како играч, се што видов ми вели дека судиите свесно го фаворизираа противникот. Знам дека Србија е синоним за кошарка, има одлична репрезентација, но судиите им дозволуваа премногу. Не знам од каде е тој наратив дека африканските кошаркари играат агресивно, па им се свири секој контакт додека многу работи се толерираат кај противниците. Не знам зошто на ОИ немаме африкански судии, тоа е нешто што треба добро да се размисли и да се промени. Зошто само на европските кошаркари им се дозволува да бидат агресивни“, изјави Луол Денг.
Србија во четвртфиналето ќе се сретне со селекцијата на Австралија, меч што е на програмата од 14.30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА