Андреевски: Знаевме дека цела Македонија е со нас против Бугарија, сега одиме по пехарот

Македонските кошаркарски јуниори вечерва во 21.30 часот го играат финалето на Европското првенство – Б дивизија во Скопје (СЦ „Борис Трајковски“), а за противник ќе ја имаат селекцијата на Австрија.

Македонија игра извонредно на овој шампионат, на досегашните шест средби забележа исто толку победи, а со вчерашниот триумф над Бугарија е остварена главната цел – промоција во А-дивизијата. Сепак, селекторот Андреевски и неговите избраници сакаат и вечерва да победат и со максимален ефект да стигнат до пехарот на овој шампионат.

„Денес влегуваме малку порастоварени, бидејќи главната цел ја остваривме, а тоа е влез во ‘А’ дивизијата. Но се разбира и кон овој меч ќе влеземе максимално посветено и ќе се обидеме сите да ги израдуваме со злато. Емоциите ги тргнуваме на страна, играме храбро како и секогаш . Одиме на уште една победа““, изјави селекторот на јуниорската репрезентација, Горан Андреевски.

Тој се осврна и на вчерашниот триумф над Бугарија, уште еден меч во кој македонските кошаркари го демолираа својот противник.

„Тој меч со Бугарија донесе посебна мотивација. Тие се силна репрезентација, но ние бевме премотивирани за тука да застанеме… Знаевме дека цела Македонија е со нас, дека е на нозе, поголем мотив од тоа не може да има. Целата стратегија за натпреварот ја реализиравме и подобро од договореното. Успеавме да ги неутрализираме нивните најдобри играчи Гаваљугов и Колев“- ги посочува Андреевски, основните причини за најважниот триумф на првенството“ истакна Андреевски.

Се вчитува...