Србија е вториот полуфиналист на кошаркарскиот турнир на ОИ во Париз откако по голема битка и продолжение од пет минути славеше над Австралија со 95-90. Успехот е уште поголем ако се знае дека Србите на средина од втората четвртина губеа со 24 поени, но најдоа начин да се вратат и да стигнат до луда победа.
Почетните минути од ова четвртфинале беа израмнети, но потоа следеше периодот на апсолутна австралиска доминација. Гиди беше незапирлив за српската одбрана, а штом во шутерски ритам влезе и Милс „кенгурите“ почнаа сериозно да се одлепуваат. По првата четвртина резултатот гласеше 17-31 за Австралија, а „кенгурите“ продолжија со извонредна игра и на стартот од вториот период, поведувајќи со огромни 24 поени разлика (20-44).
Селекторот Пешиќ побара тајмаут и успеа да ги разбуди своите кошаркари, негативата на Србија почна да се топи, па на одмор се замина со водство на Австралија од 42-54. Србите заиграа уште подобро во одбраната во третиот период, во нападот почнаа да погодуваат Добриќ и Богдановиќ, па на средина од третата четвртина со поенит на Богдан Богдановиќ стигнаа и до предност од 61-60. Тоа беше најава за возбудувањата кои следеа, Србија имаше контрола над резултатот, но не успеваше целосно да се одлепи.
При водство од 81-80 двете селекции промашија по три напади, пред Мициќ да биде фаулиран на десетина секунди до крајот. Српскиот плејмејкер погоди само едно од двете слободни фрлања, по што Австралија во својот последен напад реализираше преку Пети Милс, носејќи го мечот во продолженија со конечни 82-82. Дополнителните пет минути почнаа со тројка на Добриќ, но „кенгурите“ исто така беа расположени за удари од далечина, преку Гиди поведувајќи со 87-90.
Кога беше најважно на сцена стапи Никола Јокиќ, големиот ас имаше три извонредни дефанзивни реакции (една блокада и две украдени топки), на спротивната страна постигна четири поени и донесе водство на Србија од 93-90 на 25 секунди. Австралијците побараа тајмаут, но при уфрлањето на топката Петрушев успеа да стигне прв до неа, ставајќи печат на победата, на крајот изразена со конечни 95-90.
Никола Јокиќ одигра импресивно стигнувајќи до дабл-дабл од 21 поен и 14 скокови, Богдановиќ постигна 17, а Мициќ 14 поени за српскиот состав, додека најефикасни во таборот на Австралија беа НБА-ѕвездите Милс со 26 и Гиди со 25 поени.
Противник на Србија во полуфиналето од Олимписките Игри во Париз ќе биде победникот од дуелот меѓу САД и Бразил.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

