Кадетската репрезентација на Македонија го претрпе и вториот пораз на ЕП што се одржува во Подгорица, откако денеска загуби од селекцијата на Германија со резултат 19-25. За разлика од вчерашниот дуел на кој несреќно загубивме со гол на 10 секунди до крајот од Франција, нашите млади ракометари овојпат издржаа само едно полувреме, во вториот дел паѓајќи на физички план што им овозможи на Германците да стигнат до сигурна победа. Мора да се истакне дека Македонија на овој меч настапи без својот најдобар играч, Дамјан Митев, кој поради повреда не можеше да им помогне на соиграчите против германските ракометари.
Македонските кадетите во првото полувреме целосно им парираа на фаворизираните Германци. Нашите млади ракометари во голем дел од првите 30 минути имаа минимално водство, ривалот пред крајот на полувремето го сврте резултатот во своја полза и поведе со 8-10, пред Ристески да реализира и на одмор да се замине со минимални 9-10 за Германија. Темпото за жал не успеавме да го издржиме и во вториот дел, откако Германците одлично отворија, поведувајќи најпрвин со 10-14, а неколку минути подоцна и со 12-17.
Нашите ракометари се обидоа да се вратат, но Германија веќе беше влезена во ритам за кој „црвено-жолтите“ немаа одговор. На половина од второто полувреме резултатот гласеше 14-20 за противникот, а германските ракометари знаеја како да ја задржат удобната предност до самиот крај, триумфирајќи со конечни 19-25.
Самоил Ристевски со единаесет постигнати гола беше најдобар поединец на натпреварот, а само петмина наши ракометари се запишаа меѓу стрелците, Петар Илиевски постигна пет, а по еден погодок против Германија реализираа Димовски, Лазов и Крстевски.
Македонија во третото коло ќе се сретне со селекцијата на Полска, која во својот прв меч на ова ЕП во Подгорица загуби од Германија со преубедливи 21-39.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА