Тотенхем плати богатство: Соланке е нов лидер на нападот на „спарси“

Тотенхем конечно ја финишираше потрагата по нов врвен голгетер откако постигна договор за ангажман на Доминик Соланке, 26-годишниот ас кој зад себе има фантастична сезона во дресот на Борнмут. „Спарси“ го меркаа Соланке уште од стартот на овој преоден рок, но се мачеа во преговорите со Борнмут бидејќи овој клуб инсистираше на отштета од 65 милиони фунти.

Поради ова Тотенхем минатата седмица ги прекина преговорите и се насочи кон Ајван Тони од Брентфорд, но откако увидоа дека таа мисија ќе биде уште потешка „спарси“ се вратија на преговарачка маса со Борнмут. Според последните информации, вкупната висина на трансферот ќе изнесува 65 милиони фунти, но Тотенхем ќе плати само 40 милиони фунти како загарантирана сума. Од останатите, 10 милиони фунти се врзани со лесно остварливи клаузули, а останатите се нешто потешко остварливи.

Соланке веќе ги имаше договорено личните детали, па голгетерот сега треба само да ги мине лекарските прегледи пред да потпише договор со Тотенхем со важност до 2030 година.

Од трансферот се очекува добро да заработи и Ливерпул, кој имаше вметнато клаузула од 20% од следниот трансфер кога го продаваше Соланке во Борнмут.

Се вчитува...