Светислав Пешиќ повторно оствари одличен резултат со кошаркарската репрезентација на Србија, стигнувајќи до бронзен медал на Олимписките Игри во Париз.
Останува тагата што во оној легендарен меч не беше собран скалпот на фаворизираните Американци, но Пешиќ останува горд на она што го постигна со својата репрезентација. Договорот на искусниот стручњак истече со овие Олимписки Игри, па останува прашањето дали тој и во иднина ќе ја води оваа селекција.
„Тоа ни јас не го знам, навистина не го знам. Треба да се прашаат луѓето од федерацијата, но дури и денеска да ми понудат, јас не би знал да одговорам, ќе треба да расчистам со самиот себе, па да дадам одговор. Некогаш се прашувам што ќе ми е мене сето ова, но тогаш ќе се случи ваков успех и се добива смисла. Секогаш велат кога ќе се загуби дека тренерот не знаел да ја мотивира екипата, но никој не прашува кој го мотивира тренерот. Епа, него го мотивираат кошаркарите, по секој успешен тренинг, по секој добро одигран натпревар. Затоа, целиот овој турнир кај мене остави огромно задоволство“, истакна Пешиќ.
Стариот лисец во изминатите години неколку пати гласно говореше против актуелната состојба во српската кошарка, а својот став го повтори и по враќањето од Париз.
„Сите сакаме големи работи, но за тоа е потребно да се има систем и стратегија. Ние имаме голем проблем бидејќи целите се високи, одговрностите се огромни, но во суштина не се работи ништо. Јас искрено се чувствувам поразен што на крајот од овој процес, од овој мој договор како селектор, не успеав да ги убедам луѓето дека нешто треба да се менува од корен. Сите овие години зборував за проблемите, сите климаат со глава, но никој ништо не работи. Единствена земја сме без професионална лига, овој систем што го имаме е смешен. Мора под итно да се менува, а дали тие промени ќе се случат зависи пред се од Црвена Звезда и од Партизан како наши најголеми клубови“, прокоментира Светислав Пешиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

