Владек Божичевиќ-Битољану ќе биде единствениот македонски атлетичар на Светското првенство за атлетичари до 20 години кое од 27. август ќе се одржи во Лима, главниот град на Перу.
Владек за само една година успеа да се вивне во врвот на македонската атлетика, па како државен рекордер сега патува на светскиот шампионат со желба за нов сопствен раст во светот на атлетиката. Воден од својот тренер Кристијан Кајчевски, 18-годишниот Божичевиќ-Битољану пред нешто помалку од два месеци постави нов младински рекорд на 200 метри, трчајќи со време од 21:64 секунди, со што за речиси половина секунда го надмина досегашниот рекордер Ристе Пандев.
Според очекувањата на неговиот тренер се верува дека Божичевиќ-Битољану ќе го подобри својот резултат на 200 метри на претстојното Светско првенство во Лима. Трката на македонскиот репрезентативец на Светското првенство е на програмата на 29. август.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА