Хаосот со Иван Перишиќ во Хајдук заврши со разделба на хрватскиот репрезентативец од сплитскиот клуб.
Неодамна тренерот на Хајдук, Џенаро Гатузо обелодени дека овој играч уште пред 20 дена побарал да си замине, по што хрватскиот репрезентативец го навлече бесот на навивачите. Тој потпиша за Хајдук по тешка повреда на коленото, во сплитскиот клуб се рехабилитираше за да може да настапи на ЕВРО 2024, а сега го остави клубот на цедило.
По бројните напади кон него од страна на навивачите на Хајдук, Перишиќ во разговор за „Далматински“ сега конечно си ја отвори душата околу целата ситуација.
„Сите добро знаат дека дојдов во Хајдук со надеж само дека заедно ќе го оствариме сонот, освојувајќи ја титулата минатата сезона. Иако имав добар договор со Тотенхем, а дури и повреден имав одлична понуда од голем странски клуб каде ќе имав фантастични услови за рехабилитација и минутажа, сепак на повик на управата на клубот и навивачите, одбрав живот без семејство кое живее во странство со надеж дека ќе помогнам во борбата за титула и пласман во групната фаза од Лигата на шампионите“ – објаснува Перишиќ и дополнува:
„Играв и на Куп мечот против Динамо, наспроти препораките на докторите, ризикувајќи повреда која би ми ја завршила кариерата, се со желба за титули. И никогаш не го прекршив договорот со раководството на клубот, за да по Европското првенство одбијам и две понуди од сериозни клубови со цел да му помогнам на клубот ова лето“.
Перишиќ дополнува дека сите знаат дека тој Хајдук не го одбра поради пари или здравствена нега.
„Во желба да помогнам своето здравје и своето семејство ги ставив во втор план и не жалам поради тоа бидејќи не ни знам поинаку, но во неделата навечер некој друг со свој испад одлучи дека мојата помош веќе не му е потребна. Од кога знам за себе во Хајдук гледам како светост и така ќе се однесувам и во моменот кој е исклучително тежок за мене и за моето семејство. На клубот му посакувам среќа, победа во четврток, пласман во Европа и освојување на титулата, без разлика кој е во клубот“ – истакнува Перишиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА