Столе може да здивне: Ливерпул ја затвори вратата за камбек на Мамардашвили во Валенсија

Трансферот на Гиорги Мамардашвили од Валенсија во Ливерпул е само прашање на време, откако двата клуба денеска водеа успешни преговори и остануваат само детали пред грузискиот репрезентативец за сума од 35 милиони евра да си замине од „Местаља“. Ваквиот расплет со нетрпение го очекува и Столе Димитриевски откако Македонецот летово пристигна во Валенсија, но статусот му беше сериозно загрозен по компликувањето на продажбата на Мамардашвили.

Преговорите со Ливерпул траат веќе неколку седмици, а веќе е јасно дека англискиот гигант не го купува Мамардашвили за веднаш да пристигне на „Енфидл“, туку Грузиецот експресно ќе биде испратен на позајмица. Нашиот репрезентативец стравуваше дека тоа може да биде позајмица назад во Валенсија, нешто што ќе значеше и експресно заминување на Димитриевски од „Местаља“, но последните информации говорат дека тоа нема да се случи.

Имено, Ливерпул ќе потпише договор со Мамардашвили за плата од четири милиони евра по сезона, сума што „црвените“ ќе инсистираат новиот клуб целосно да ја покрие со договорот за позајмица. Валенсија понудила максимални два милиони евра што било одбиено за Ливерпул, со што е целосно затворена вратата за експресен камбек на грузискиот чувар на мрежата. Најблиску до потпис моментно е тимот на Борнмут, кој покрај целосното покривање на платата е подготвен и да плати два милиони фунти за позајмицата на Мамардашвили.

Во една ваква ситуација, за очекување е Столе Димитриевски да се најде на голот на Валенсија на стартот од новата сезона во Ла Лига, саботниот домашен натпревар против Барселона.

Се вчитува...