Мајсторот до нов рекорд: Модриќ стана најтрофеен фудбалер во историјата на Реал Мадрид

Лука Модриќ влезе во игра во второто полувреме, но хрватскиот ас како најискусен и капитен на Реал Мадрид прв го крена пехарот во Супер-купот на Европа по победата над Аталанта на стадионот во Варшава.

Успех што Модриќ ќе го памети засекогаш бидејќи со оваа победа хрватскиот великан стана најтрофеен фудбалер во историјата на Реал Мадрид. Хрватот на крајот од ланската сезона беше израмнет на врвот на оваа ранг-листа со Начо, но откако искусниот дефанзивец летово си замина во Саудиска Арабија, Модриќ стигна до 27. трофеј со што сега е осамен како најтрофеен играч во историјата на најтрофејниот клуб во фудбалска Европа.

Во неговата колекција за 12 сезони меѓу „кралевите“ тој има четири пехари од Примера, шест од Лигата на Шампионите, два од Копа делреј, по пет од Суперкупот на Европа, од Интерконтиненталниот куп и од Суперкупот на Шпанија. Лука досега одиграл 535 натпревари за Реал Мадрид, притоа постигнувајќи 39 погодоци и 86 асистенции.

Воедно, Модриќ досега го делеше првото место по бројот на суперкуп трофеи со Хан, Малдини, Алвеш, Бензема, Крос и со Карвахал, со по четири пехари во ова натпреварување. По синоќешниот успех, сега Модриќ и Карвахал се единствени со по пет шампионски медали од Супер-купот на Европа во своите лични колекции.

Се вчитува...