Наследникот на Дибала во Рома ќе пристигне од Јувентус

Рома се подготвува за заминување на Пауло Дибала, откако аргентинскиот генијалец доби одлична понуда од Саудиска Арабија. Слична беше ситуацијата и лани, кога Дибала одби да си замине од „Олимпико“ и остана уште една сезона во таборот на „римската волчица“. Сепак, сега ситуацијата е поинаква бидејќи е јасно дека Рома ќе нема тим за посериозни амбиции, на клупата го нема ниту Мурињо со кого Аргентинецот имаше фантастичен однос, па поранешниот ас на Јувентус е решен да тргне по нов предизвик во кариерата.

Понудата од Саудиска Арабија изнесува тригодишен договор за плата од 25 милиони евра по сезона, четири пати повисока од она што Дибала го заработува во моментов во Рома. „Волчицата“ би заработила околу 15 милиони евра од овој трансфер, а раководството на римскиот клуб веќе има план како да ги потроши овие пари.

Федерико Киеза е желба на Рома како наследник на Дибала, откако крилниот офанзивец се најде на трансфер-листата на Јувентус, а недостигот на понуди дополнително ја намали неговата вредност на пазарот. „Волчицата“ во следните 48 часа ќе испрати почетна понуда од 15 милиони евра за Киеза, а во римскиот клуб владее оптимизам дека би можел што поскоро да биде постигнат целосен договор за вкупна сума од 20 милиони евра (вклучувајќи неколку клаузули).

Киеза е отстранет од првиот тим на Јуве и со нетрпение очекува трансфер во друг клуб, а преселбата во Рома би му донела и загарантиран првотимски статус со оглед на недостигот на врвни офанзивни играчи во таборот на „волчицата“.

Се вчитува...