Кадетите со победа над Данска почнаа во разигрувањето за 9. место на ЕП

Кадетската селекција на Македонија за кошаркари до 16 години продолжи со победничкиот чекор во обидите за што подобар пласман на ЕП од Дивизијата „Б“. По несреќната елиминација од битките за медали и место во елитната дивизија, нашите млади кошаркари денеска во првиот меч од разигрувањето за пласман од 9. до 16. место триумфираа против Данска со 70-67.

Имавме проблeми во фазата на нападот во почетните минути од играта што Данците знаеја да го искористат, и први да дојдат до некое конкретно водство. На крајот на првата четвртина беше и највисокото (8-15).

Но работите почнаа да се менуваат, секако во корист на Македонија, уште од почетните минути на втората четвртина. Уште подобро продолживме по оној „голем одмор“, ја задржавме ефикасноста во играта која пак продуцираше и наша двоцифрена предност. На истекот од овој дел од играта, Македонија поведе со (52-39).

Слична беше нашата предност и во воведните две минути од последниот (56-44). Но Данска испрати закана со серија од (7-0) со која се доближи на само пет поени засотанување (56-51).

Серијата, со тројка, ја премина Нешовиќ, за нешто посигурни (59-51). Противникот од Скандинавија сепак, покажа упорност, некоја минута подоцна дојде и на (64-59), кога останаа да се доиграат 3:20 минути.

Со четирите поени на нашиот најефикасен играч, Цветковски, го одбивме и тој напад на Данска, за (68-59). Но во последната минута влеговме со плус од само три поени (68-65). По неколку нереализирани обиди, Данците дојдоа и на само „половина кош“ негатива. Но до крајот останаа само уште четири секунди во кои Сребров ја потврди нашата победа, која ја води нашата селекција во битка за пласман од 9. до 12. место, против подобриот тим од дуелот помеѓу Португалија и Исланд.

Со 15 поени, Цветковски предводеше група од уште три наши репрезентативци со двоен поентерски ефект. Во неа се најдоа Среборов, кој дополни со 14 поени, но и Данев односно Терзиевски кои имаа уште по 12 поени.

Се вчитува...