Спортски директор на Брегалница, Никола Тонев во разговор за клупската интернет страница верува дека штипските сини ќе имаат успешна сезона, со нова изградба на тимот темелен пред се на млади фудбалери кои треба да бидат иднина на клубот.
Тонев нагласува дека Брегалница минатата сезона имаше рекордно највисок буџет, но се потфрли во изборот на засилувања.
„Сметам дека причините за минатогодишното испаѓање од Првата лига се лошиот избор на засилувања и хемијата меѓу играчите и стручниот штаб. Проблемот беше само фудалски и ништо друго. Брегалница лани имаше рекордно највисок буџет во историјата, а резултатите беа катастрофални. Газдата на клубот лани даде се од себе, вложи повеќе од ветеното, а се случи најлошото можно сценарио“ – вели Тонев.
Што ќе смените сега во клубот од позицијата која ја имате?
„Мојата филозофија е костурот на екипата да се прави од млади и тие да бидат носители на играта. И претходно, кога бев во клубот, од Брегалница излегоа Иван Николов, Давид Денковски, Јован Манев, Михаил Димитриевски, играчи кои беа носители (и капитени) на младинската репрезентација на Македонија. Подоцна, тие готови играчи прават успешни трансфери и клубот функционира на тој начин. За жал, претходната (неуспешна) сезона, Брегалница функционираше комплетно поинаку“.
По Вашето враќање, ФК Брегалница направи комплетен ремонт на екипата. Дали во ова второлигашко друштво има квалитет за кам-бек во Прва лига?
„Направивме добар траснфер пазар, покриени сме на секоја позиција. Целите и желбите се јасни, но ќе одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар, со сериозен пристап и со квалитетна и длабинска анализа на секој противник. Одработени се одлични подготовки, избрусена е формата и најважно од се е дека сите играчи се фит и на располагање на шефот на стручниот штаб“.
Што да очекува публиката во сабота против прилепска Победа?
„Како што спомнав, на секој меч ќе влегуваме со респект кон противникот, и со дисциплина во играта. Очекувам трите бода во сабота да останат во Штип и со победа да ја отвориме сезоната и да ги израдуваме гледачите“ – истакнува Тонев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА