Македонскиот олимпиец Дарио Ивановски ќе мора да паузира најмалку во следните две недели по повредата на тетивата на десното стапало која ја доби на маратонската трка на ЛОИ 2024 во Париз.
Неговиот тренер Игор Јакимовски информираше дека е неопходна пауза, поради што ќе бидат откажани сите активности за следниот месец.
„По извршените лекарски прегледи на Дарио и направена магнетна резонанца утврдено е воспаление од голем размер на тетивата на десното стапало со оток. По препорака на докторот, Дарио веќе мирува и не тренира од завршувањето на олимпискиот маратон. Паузата и рехабилитацијата ќе трае најмалку две недели. Она што го слушневме од стручно медицинско лице е дека Дарио несвесно ризикувал и кинење на тетива додека го трчал маратонот. Сме биле во ваква ситуација неколку пати и сме се враќале посилни. Така ќе биде и сега“ – вели Јакимовски.
Токму поради тоа и официјално се откажани настапите за Дарио Ивановски во Прилеп, Белград и Битола во месец септември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА