Кадетската репрезентација на Македонија претрпе убедлив пораз на вечерашниот дуел со Израел (25-32) во рамките од разигрувањето од 17. до 20. место на Европското првенство за играчи до 16 години што се одржува во Црна Гора. Нашите млади ракометари со последниот триумф над Италија обезбедија опстанок во елитното друштво, се очекуваше денеска без преголем притисок да одиграат квалитетно и да слават над Израел, но налетаа на далеку помотивиран противник по што поразот беше неизбежен.
Првото полувреме мина во израмнета игра во која противникот водеше само со минимални 13-12, но вторите 30 минути повторно доведоа до огромен пад во играта на македонските кадети. Македонија за момент поведе со 15-14, но следеше нов пресврт, водство на Израел од 16-19 по кое не само што нашите млади ракометари не се вратија, туку дозволија противникот да доминира до самиот крај и да слави со конечни 25-32.
Крстевски со шест и Гурмешевиќ со пет постигнати гола беа најефикасни во нашиот табор, додека Самоил Ристевски го заврши мечот со четири погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА